ВЕСТИЗДРАВСТВОМАКЕДОНИЈА

Комисијата за заразни болести утре треба да ја појасни одлуката за забрана за прием на деца во градинките

Од состанокот на Комисијата за заразни болести утре треба да биде појасно за родителите и за вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.

Поради забуната во јавноста и различното толкување на „целосно неимунизирани“ не е јасно дали се работи за вакцина, која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст, или  ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината.

Од понеделникот, кога поради прогласената епидемија на голема кашлица (пертусис) во Скопје стапи во сила забраната за прием на целосно невакцинирани деца, родители се соочуваат со проблем да ги остават своите деца во градинка иако ја примиле вакцината, но не и ревакцината. Некои  ги носат децата на предвремена ревакцинација, во некои пунктови одбиваат да ги ревакцинираат пред возраста утврдена со календарот. Има случаи и кога од здравствени или од други причини детето не може да ја прими ревакцината на една и пол година и таа е одложена за подоцна.

Министерот за здравство Илир Демири денеска на прес-конференција рече дека за вакцинирано се смета детето што ги примило трите дози од вакцината и очекува дека Комисијата по утрешниот состанок ќе го прецизира толкувањето на одлуката.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button