ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мнозинството уверено дека ќе има гласови за да си изгласа „онлајн“ Собрание

СДСМ смета дека нема да има проблем да го одобри амандманот на Деловникот што ќе им овозможи на пратениците кои се изолирани да бидат дел од седниците и да гласаат „онлајн“. Измената и дополнувањето на Деловникот се прави со просто мнозинство, па Владата верува дека ќе го обезбеди потребното мнозинство.

СДСМ ја повика опозицијата да не го блокира усвојувањето со амандманите. Но, ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од својата позиција. Велат дека „онлајн“ учеството на пратениците во работата на Собранието е спротивно на Уставот.

Албанската опозиција смета дека оваа форма на работа може да биде злоупотребена. Според нив, Собранието може да работи со преостанатите пратеници кои немаат решение за изолација.

„Во Северна Македонија нема кредибилитет за онлајн функционирање на Собранието, уште помалку кога се знае дека во изборниот систем кога имаме толку многу надзорни системи, повторно се прават злоупотреби, а да не зборуваме за „онлајн“ злоупотреби. Собранието отсекогаш имало болни луѓе, луѓе кои биле отсутни и такви ќе има и понатаму.“

Официјално, тројца пратеници од власта актуелно се во изолација поради инфекција со коронавирусот. Неофицијално, ист број пратеници се во изолација и од опозицијата. Иницијативата за изменување и дополнување на Деловникот вчера ја поднесе спикерот Талат Џафери. Таа предвидува пратениците кои имаат решение за изолација да го известат првиот човек на Собранието, да му го достават официјалното решение за изолација од здравствените власти како потврда и да добијат можност за виртуелно учество на пленарните седници и во работата на комисиите. Иницијативата ја предвидува и обврската на Собранието да му обезбеди на пратеникот опрема за оваа намена.

Fatlume Dervishi

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button