ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нелегален риболов на Охридското езеро, пастрмка лажно се продава како белвица

Млади примероци на охридска пастрмка, на пазарот на црно во Охрид и Струга се продаваат како белвици, кои се различен вид ендемска риба. Станува збор за сè позачестена појава со која се запознаени и надлежните институции. Ова е резултат на неконтролираното изловување на риба, откако на почетокот на годинава езерото остана без концесионер.

„Сега кога нема концесионер не смее да има никаков риболов и не смее риба да се појавува на ниеден пазар. За жал и по рестораните имаме, а им се нудат и на луѓето. Им се нудат и мали примероци на пастрмка, наместо белвица. Познато ми е дека на одредени места, намерно се лови таква мала риба, мала пастрмка. Сметајте дека ако 100 килограми на таква пастрмка се остави да порасне до моментот кога треба да се лови, тоа се 10 тони охридска пастрмка.“

Рибарите бараат Охридското езеро да не се дава под концесија за стопански риболов во наредните 10 до 15 години, туку само за рекреативен риболов, а уловените пастрмки и белвици да се враќаат назад во езерото.

„Жалосно е тоа што сега се случува со охридската пастрмка и со белвицата на Охридско езеро. За време на нејзиниот мрест нема никаква заштита и според нашите сознанија, дневно се изловуваат од страна на рибокрадци од 500 килограми до 1 тон риба. И тие се продаваат на црно во Македонија. Кога нема концесионер, државата е должна да го штити.“

Рибарите бараат охридската пастрмка и белвица да се прогласат за загрозени видови и истите да се стават на црвената европска и светска листа и да се воведе специјална рибарска полиција. Инаку, Охридското езеро е без концесионер, а со тоа и без заштита, од јануари годинава. Тогаш државата ѝ ја одзеде концесијата на фирмата „Летница-Белвица“ откако повеќе рибари посочија дека работела незаконски, а инспекторите тоа подоцна го потврдија.

Miki Trajkoski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button