ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Охридските хотели затвораат, струјата им е поскапа од кафето

Поголем дел од хотелите покрај Охридското езеро се подготвуваат да стават клуч на врата на почетокот на ноември. Некои тоа ќе го сторат уште следниот месец. Главна причина се високите сметки за струја. Многу од хотелите за првпат после неколку децении работа сами се одлучуваат на ваков радикален чекор. Претходно по наредба на владата мораа да затвораат и поради пандемијата.

„За жал после толку години ќе бидеме приморани да затвориме неколку месеци сè со цел да заштедиме дел од средствата. Долга зима е треба да се преживее до наредната пролет. Јас до први јуни бев на отворен пазар, цените беа застрашувачки. Во месец март имав цена од 120 евра само по ноќевање. Колку ќе ја продавам јас собата? 500 евра?!“, вели Перо Кутаноски-менаџер на хотел.

Од Асоцијацијата на хотелиери бараат поддршка од државата. Велат дека сметките за струја се многукратно повисоки од претходно.

„Да земете да вклучите рингла денес за било што, повеќе струја ќе потрошите, отколку за кафето. Со вакви цени не може да се опстане. Не е во интерес на државата да затворат пола хотели. Ако може помалите фирми да бидат субвенционирани со 13 денари по киловат час, тогаш не гледам зошто во хотелиерството кое крвареше последните три години не може да се даде нешто такво“, вели Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Неизвесна е судбината и на околу 3.000 вработени, колку што ги има во хотелскиот сектор, а по сè изгледа нема да се нудат ниту новогодишни прослави. Освен тоа, уште отсега во Охрид се тврди дека поради високите цени на храната и енергенсите, следната сезона очекуваат покачување за дури 50% на хотелските аранжмани.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button