ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски и Силјановска собраа 10 000 потписи

Пендаровски и Силјановска собраа 10 000 потписи

Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова ги собраа неопходните десет илјади потписи за своите претседателски кандидатури. Од двата табора им се заблагодарија на граѓаните кои денеска направија редици пред подрачните единици на ДИК. Од Кабинетот на Пендаровски истакнаа дека во рекордно време, за неполни пет часа се собрани потребните потписи и најавија дека ќе продолжат со активностите и во наредните денови. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, информираат дека и тие ќе постигнат рекорд – во историјата на земјава Давкова ќе имала најмногу собрани потписи од граѓаните за својата кандидатура.

Во меѓувреме, не запираат и меѓусебните критики. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски,  Силјановска Давкова во вториот круг ќе влегла со сто илјади гласови повеќе од Стево Пендаровски. Мицкоски искоментира дека граѓаните ќе му ја исполнеле желбата на Пендаровски, дека ако не бил претседател на државата тој ќе се иселел од Македонија. Мицкоски воедно се осврна и на кандидатурите на Билјана Ванковска, поддржана од Левица и Стевче Јакимовски од ГРОМ, за кои рече дека тие се опозиција на опозицијата.

„Нивната улога е да го ослабат потенцијалот на Гордана Силјановска Давкова. Тие немаат друг капацитет, ниту пак потенцијал, но мислам дека после резултатите во првиот круг од претседателските избори ќе им стане јасно што може да очекуваат две недели потоа“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ..

Социјалдемократите пак, потенцираа дека на претстојните претседателски и парламентарни избори граѓаните ќе го бираат правецот на државата. Тие обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска се против членството во Европската Унија.

„Едниот е патот на интеграција во ЕУ, чиј предводник е СДСМ, а другиот пат што го предлага опозицијата е сосема спротивен, тоа е изолација, стагнација, враќање назад во едно мрачно време на национализам и поларизација. ДПМНЕ, со Силјановска нуди само враќање назад, во изолација, заглавени 11 години без било каков напредок, далеку од ЕУ. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат“, велат од СДСМ.

Покрај Пендаровски и Силјановска, десет илјади потписи веќе успеаја да соберат и Ванковска и Јакимовски, но и Максим Димитриевски, Арбен Таравари и Бујар Османи. Граѓаните ќе можат да дадат поддршка за кандидатите во канцелариите на ДИК до осми март, а кандидатурите ќе бидат официјализирани на 20-ти месецов./Алсат.мк

Лука Андрев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button