ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Разрешениот поротник ги стресе предметите на СЈО, ќе се судат од почеток

Разрешувањето на поротникот Митко Сандев го донесе и првото одложување на судски случај. Предметот „Тендери“ за спорната изградба на музејот на ВМРО каде еден од обвинетите е и поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, се одложи и судењето сега треба да почне од ново иако случајот веќе беше стигнат пред пресуда. Од Кривичниот суд денеска посочија дека ќе постават нов судија-поротник на местото на Сандев. Ќе се внимавало да биде млад.

„Во Кривичниот суд моментално има 54 поротници, а треба да бидат 200. Како да обезбедиме заменски поротници во случите со вакви бројки? Не е мотивирачка функција. Се плаќа 500 денари од судење“, велат од Кривичниот суд.

Разрешувањето на поротникот Сандев, поради наполнети 60 години, значи нов старт и за клучните предмети на СЈО, оние за финансирањето на ВМРО, за изборните нерегуларности, за Сончев град и некои други. Претходно, поради разрешување на судијата Горан Бошевски, од почеток мора да почнат и случаите за изградбата на кинеските автопати и за изградбата на Белата палата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ: Според дел од поранешните специјални обвинители, спас за случаите на СЈО би било постоењето на резервни поротници.

„Сите сме свесни, особено кога се во прашање случаите на поранешното СЈО, се користат или слободно можам да кажам, се злоупотребуваат сите можни права кои на странките им припаѓаат во постапката со цел тоа да трае до недоглед“, рече Фатиме Фетаи, Поранешна обвинителка во СЈО.

„Не можеме да коментираме дали постоела или не постоела задна намера во разрешување на дел од судиите. Ќе кажам дека тоа е огромна штета врз правдата и огромна штета за јавниот интерес и ова е еден од аспектите за довербата во правосудството да биде таму каде што е“, рече Ленче Ристоска, Поранешна обвинителка во СЈО.

Од Кривичниот суд посочија дека за да не се случуваат вакви ситуации, мора да се смени Законот за кривична постапка во делот ако судија поротник биде разрешен, назначувањето на нов, да не значи и нов старт на судењето. Оваа иницијатива до Министерството за правда била испратена пред три години, но одговор сè уште нема.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button