ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Седум кандидати во трка за претседател

Седум кандидати во трка за претседател

Синоќа на полноќ истече рокот за собирање најмалку 10.000 потписи, потребни според законот, за да се постигне првиот услов за влез во претседателската трка. Седум кандидати ќе се натпреваруваат на 24 април.

Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова влезе во трката како кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии. Таа е вторпат во оваа трка, откако во 2019 година во вториот круг ја загуби битката од противникот Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски на овие избори за вториот мандат ја има поддршката од СДСМ и другите коалициски партии.

Трет на листата со најмногу собрани потписи е Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово, претседател на движењето „Знам“ и поранешен функционер на СДСМ. Зад него е Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е кандидат на ДУИ на овие избори. Шефот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари има поддршка од здружената албанска опозиција .

„Левица“ на овие претседателски избори ќе се натпреварува со својот кандидат, професорката Билјана Ванковска.

Осум други кандидати не ја обезбедија потребната поддршка од најмалку 10.000 потписи.
Ждрепката за единствената листа на кандидати ќе се одржи на 28 март, додека изборната кампања започнува на 4 април.

Доколку ниту еден од претседателските кандидати не добие мнозинство гласови во првиот круг, во вториот круг ќе се гласа за двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.За претседател во вториот круг е избран кандидатот кој ќе освои најмногу гласови во случај да излезат повеќе од 40% од избирачите запишани на списокот./Алсат.мк

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button