ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Што со компаниите кои обезбедија лиценци за игри на среќа?

Судбината на компаниите кои успеаја да обезбедат лиценци за развој на коцкањето и онлајн коцкањето останува нејасна по неуспехот на предложениот Закон за коцкање во Собрание. Како ќе постапат Министерството за финансии и Владата, дали ќе ги повлечат лиценците кои субјектите веќе ги платиле или со еднострана одлука ќе ги укинат, за ова денеска не добивме никаков одговор од Финансии. Останува нејасна судбината на уредите на компаниите но и платените домени за нивна онлајн организација и имплементација. Поништувањето на законот значи и неможност овие фирми да се стават во функција, барем законски.

Додека законот се уште се подготвуваше, опозицијата обвинуваше дека биле почнати преговори со фирми кои припаѓале на бугарското, српското и црногорското подземје и кои би требало да го преземат организирањето на онлајн игрите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати изјави дека две познати бугарски компании 7777.bg и 8888.bg имаат директни врски со човекот од бугарското подземје Васил Бошков и дека Владата сака индустријата за онлајн игри да му ја довери на овој човек.

Албанската опозиција, пак, обелодени документи со кои, според неа, на сомнителни фирми им биле обезбедени лиценци за организирање на онлајн коцкање уште пред да се донесе законот. „Моцарт“ е основана во јануари 2024 година и доби лиценца. „Везув“ исто така е формирана во јануари 2024 година и „77 битс“ основана во декември 2023 година.

Австрискиот претседател Александар Ван Дер Бален најави дека овој закон ќе ги разниша темелите на партнерството со земјите членки на ЕУ, а претходно реагираше и поранешниот австриски амбасадор. Раскинувањето на договорот со австриската компанија ќе ја чини државата милиони евра казни од арбитражата но и покрај се, Владата не се двоумеше да му наметне европско знаменце на законот во трето читање.

Движењето против коцкање исто така ги поддржа законските одредби иако беше формирано со цел да се затворат  казината и спортските обложувалници, додека законот наиде  на големо противење од Здруженијата на казина и спортско обложување. Со новите одредби беше предвидено формирање на Државна видеолотарија, а во надзорниот и управниот одбор се предложени луѓе блиски до вицепремиерот Артан Груби, членови на семејството на Али Ахмети и партиски милитанти на ДУИ.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button