ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Улицата кон тетовската касарна претворена во депонија и кучкарник

Улицата кон тетовската касарна претворена во депонија и кучкарник

Кал, прашина, дупки длабоки и до 30 сантиметри, канализација која тече по коловозот. Ваква е сликата од улицата која води кон касарната во Тетово. Нејзината ревитализација се ветува речиси три децении.

Како нечистотијата што се создава на оваа улица од канализацијата и дождот да не беше доволно, па сега на улицата почнаа да се трупаат и вакви големи депонии.

„Видете го ѓубрето, улицата уште не е отворена, се удавивме во кал, а на лето во прашина, не знаеме каде да одиме. Оваа улица е вака веќе 30 години. Дојдоа, измерија и си заминаа, ништо не направија. Ќе се направи само кога ќе ги видиме машините како работат, но не верувам, едноставно не верувам“, рече еден жител.

„Оваа улица ни прави многу проблеми. Јас живеам овде, секој може да дојде и да фрли ѓубре насекаде. Возилото ми се расипа поради патот. Сопругата не ги пушта децата да излегуваат надвор бидејќи има премногу ѓубре и кучиња. Тука сум 32 години, но улицата никогаш не ја направија“, додаде друг жител.

„Најголем проблем се кучињата. Ги има премногу. Децата не можат да се вратат дома од училиште поради кучињата навечер. Пукна и водоводната цевка, не доаѓаат да ја поправаат една година. Два-три пати се појавивме на телевизија, но остана вака. Велат, ќе дојдеме оваа година, ќе дојдеме следната година и не го прават тоа. Досега овој пат е завршуван пет пати, но само со зборови и ветувања“, нагласи жител.

Локалните власти велат дека подготвиле нов план за експропријација, а работите ќе почнеле на почетокот на јуни.

„Како што информира Секторот за градежни работи, елаборатот е веќе при крај, а потоа веднаш ќе почне фазата на експропријација. Долга е 450 метри, додека ширината ќе остане иста 21 метар. Проектот за оваа сообраќајница ќе чини околу 20 милиони денари. Штом патниот сектор го добие извештајот, веднаш ќе започне фазата на експропријација, а потоа веднаш ќе започне фазата на изградба на овој булевар. Сметаме дека некаде кон крајот на мај или почетокот на јуни ќе започнат работите на оваа улица“, рече Бесар Дурмиши – претседател на општинскиот совет

Улицата е во ваква состојба повеќе од десет години, а причина за тоа беше ниската цена со која општината сакаше да ги денационализира имотите на жителите.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button