ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Влада: Изјавата на Закаријаш е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение

Изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш во однос на македонскиот јазик, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение, велат од Владата за МИА.

Истаккнуваат дека ваквите изјави никако не помагаат во процесот на градење доверба и заедничко разбирање.

– Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите кои се вклучени во процесот и кои не ги познаваат целосно и добро приликите во Северна Македонија и Бугарија, да се воздржат од какви било квалификации или објаснувања на процеси поврзани со нашите национални прашања, додаваат од Владата.

Во владината реакција за МИА се посочува дека македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и кодификуван јазик со своите уникатни специфики, потврден со Договорот од Преспа и запишан во личната карта на Северна Македонија во Обединетите Нации.

– Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет, се додава во реакција на Владата.

Бугарските медиуми вчера објавија дека Закаријаш изјавила оти дебатата меѓу Северна Македонија и Бугарија е „тешка и поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји и со идната соработка“, како и оти „очигледно е поврзана со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на двете земји“.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button