ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата иницира одземање на државјанство на Онишченко

Владата согласно членот 14 од Законот за државјанствоа, побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на С Македонија за лицето Олександр Онишченко.

Владата го иницираше барањето за одземање на државјанство на Онишченко, по одржаната владина седница на којашто Агенцијата за национална безбедност информираше за случајот.

Пред седницата премиерот Ковачевски не одговори дали за случајот со прорускиот бизнисмен вчера разговарал со помошникот генерален секретар на НАТО за безбедност и разузнавање Дејвид Катлер, кој е во посета на земјава. Од она што е познато за јавноста токму мислењето на НАТО било изоставено од страна на АНБ кога се прибирале мислењата за пасошот на Онишченко.

Во меѓувреме собранискиот спикер Талат Џафери извести дека седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ нема да продолжи, додека МВР не одговори како настанал техничкиот пропуст. Димовски на оваа седница во петокот пред пратениците започна да дава детали за случајот, но намерно или не, говорот се емитуваше во живо на јутјуб.

Од опозицијата се сомневаат дека овој пропуст бил исцениран од власта, за да служи како образложение и Димовски да не го продолжи отчетот пред пратениците. Од ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Онишченко“ побараа оставки од првите луѓе на АНБ и МВР.

„Никакви суспензии на службеници не може да ја тргнат вината од Спасовски и Димовски. Покрај тоа што Онишченко е на црна листа на САД, тој е и лице по кое има потерница од страна на Украина, имено на веб сајтот на МВР на Украина стои името и податоците токму на ова лице. Овие податоци морало да бидат проверени од АНБ и МВР“, рече Александар Николовски – потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, началничка во секторот за стратешка соработка со НАТО службите во АНБ и вработен во истиот сектор засега се единствени виновници на кои им се подготвува суспензија за случајот. Директорот на АНБ Виктор Димовски во матичната собраниска комисија, тврдеше дека службеник не ја извршил потребната меѓународна консултација со НАТО-партнерите пред да даде согласност дека нема безбедносен ризик.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button