ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Во Охридско-струшкиот регион сѐ повеќе млади хоститализирани поради ковид-19

Сѐ поголем бројот на млади пациенти позитивни на ковид 19 се со тешка клиничка слика и се хоспитализираат во охридската Општа болница, предупредуваат од таму. Лекарите велат дека пандемијата во охридско –   струшкиот регион зема загрижувачки размери. Скоро секој ден бројот на позитивни е поголем од 30. Во моментот во охридската болница има 90 хоспитализирани пациенти, од кои 40 се на кислородна поддршка.

„Имаме се помлади и помлади и се потешки и потешки пациенти. Веројатно и понатаму ќе имаме и помлади и потешки пациенти, бидејќи ова е болест која не може да се предвиди. И во моментот во болницата имаме два – тројца кои се во многу тешка состојба“, вели Горан Балев, директор на општа болница во Охрид.

И во Струга се полнат капацитетите. Од болницата размислуваат покрај интерното и детското одделение, доколку има потреба, во ковид центар да се пренамени дел и од хирургија. Во моментот има 40 лежечки пациенти. Шест лекари и 15 медицински сестри се позитивни.

„Бројките ни растат секој ден. Капацитетите секој ден ни се полни. Ситуацијата е под контрола, но отежната е ситуацијата во целост и тоа според бројките. Моментално можеме да менаџираме со ситуацијата, се надеваме дека и понатака ќе продолжиме, а до кога никој не може да предвиди“, вели Мухамед Асани, директор на општа болница Струга.

И покрај многуте реакции во јавноста и стравот кај граѓаните дека можат да останат без соодветната грижа, охридскиот Центар за кардиоваскуларни заболувања, веќе прима пациенти болни од ковид 19. Тие се сместуваат во едно од болничките крила, кое до пред пандемијата служеше за рехабилитација на срцево болни пациенти. Во моментот се сместени десеттина ковид пациенти. Нема мешање на персоналот. Тимови од сестри и лекари работат исклучиво со нив. Кислород се обезбедува со помош на боци, бидејќи во болницата нема централен довод за кислород.

„Ќе мора да имаме некое намалување на бројот на пациенти, кои ќе се прегледуваат или ќе им треба селективна процедура или процедура која ќе може да се одложи. Но, во делот каде ние имаме тешки пациенти, со животно загрозувачка патологија, тоа ништо нема да промени“, изјави Никола Бакрачески, кардиолог.

Од болницата потврдија дека има намалување на бројот на термини за преглед и до 50%  и покрај тоа што низ болницата пред пандемијата годишно поминуваа и по неколку илјади пациенти годишно од целиот југозападен дел на државата.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button