ЗДРАВСТВО

Комплетно реновирана Универзитетската Клиника за Ортопедски болести

По неколку децении,  комплетно е реновирана  Универзитетската Клиника за Ортопедија при Клиниката за ТОАРИЛУЦ Скопје.  Се работи за целосно реновирање на простор од 1.300 квадратни метри и тоа во делот на болничките соби, собите за интервенција, единицата  за интензивна нега и терапија, собата за анестезија, детскиот оддел и сите останати помошни простории. Реновирањето е направено со буџетски средства и со средства од донации. Освен просторното реновирање, на клиниката е набавен и комплетно нов медицински мебел за сите болнички соби како и опрема за единицата за интензивна нега.

„Ова е најголема инвестиција на Клиниката за Ортопедија во изминативе неколку децении и е реализирана во време на пандемија на корона вирусот, кога беше особено тешко да се работи . Се соочивме со предизвикот да згрижуваме и лекуваме ковид болни пациенти, а во исто време да се работи и на оперативниот и на амбулантски програм на клиниката, па и на останатите три клиники кои се во склоп на ТОАРИЛУЦ. За истиот овој период течеа и градежните работи за реновирање. Успеавме за неполна година темелно да го измениме ликот на Клиниката и горд сум на сето ова. Денес Клиниката за ортопедија има комплетно нов изглед“, рече директорот на ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ, Др. Александар Трајановски.

Универзитетската Клиника за Ортопедски болести располага со 70 болнички кревети сместени во 20 болнички соби каде се лекуваат пациенти од детска па се до адултна возраст. Во склоп на Клиниката е и Единицата за интензивна нега и терапија  која во рамките на оваа реконструкција  е опремена со нови монитори за следење на виталните параметри на пациентите. Реновирани и опремени се и собите за интервенција на секој оддел, како и сите останати помошни простории.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button