ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Проширена истрага за полицајците – митаџии од Блаце

Министерот Оливер Спасовски потврдува дека МВР има елементи за да се прошири истрагата за давање поткуп на полицајци за преминување на границата кај Блаце. Но, тој не кажува за колку лица евентуално би се проширила истрагата. Спасовски изјави дека двајцата полициски службеници се веќе суспендирани од работа и против нив покрај кривична постапка, се води и дисциплинска постапка.

„Се работи на овој случај, така што сите информации кога ќе бидат подготвени за да бидат соопштени на јавноста, тоа ќе го направиме“, рече Спасовски.

Прашање: А, дали полицајците сега земаат плата?

„Тие се суспендирани моментално од работен однос, се предвидува земање на еден дел од платата во периодот додека целосно не заврши дисциплинската постапка“, рече Спасовски.
Од обвинителството не кажуваат дали ќе се прошири листата на осомничени полицајци за барање мито.

„По предметот за кој покажувате интерес надлежен обвинител активно постапува и во рамките на своите надлежности прибира докази неопходни за расчистување на случајот. Во моментов не може да се споделат повеќе детали“, наведоа од Обвинителството.

Кривична пријава доби раководителот на смена на граничниот премин Блаце, Шкрета Елхам и уште еден полицаец, за примање поткуп. Случајот го откри транспортер кој беше сниман со телевизиска опрема, а потоа сè беше емитувано на телевизија во Албанија. На патникот редовно му биле барани пари, најчесто по 20 евра од патник, за да ја помине границата.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button