ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СДСМ и ДУИ се договорија за заеднички настап на претстојните локални избори

СДСМ и ДУИ ќе настапат заедно на претстојните локални избори. Ова е епилогот по денешната средба меѓу лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети. Договорот е поддршка да се даде во некои општини во првиот круг, а во некои во вториот. Соработката Заев ја објави на својот Фејсбук профил.

„Имав одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети. Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори. Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција.

Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадеме уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг. Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори.“ напиша Заев на својот фејзбук профил.

Инаку, во текот на денот, Заев најави дека неговата партија има вкупно петмина кандидати за општина Тетово, од кои тројца се Албанци. Според него, важен е квалитетот, а не етничката припадност. Сепак, по договорот со Ахмети, не се знае дали во оваа општина СДСМ ќе има свој кандидат.

 Заев изјави дека СДСМ е подготвена да прифати било каков датум за одржување на локалните избори, вклучувајќи го 17 октомври, како што бара ВМРО ДПМНЕ.

 Од ВМРО ДПМНЕ останаа на ставот дека доколку локалните избори не се одржат на 17 октомври тие ќе бидат противуставни, бидејќи се исполнува целосниот четиригодишен мандат на актуелните градоначалници на општините, пресметувајќи ги календарските години од првиот круг на претходните локални избори. Според Законот за избори, изборите треба да се одржат во година кога се полнат четири години од мандатите, но со временска толеранција од 15 дена или повеќе во текот на истата година.

Adnan Qaili

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button