ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО: Бугарија наметнува нови услови, СДСМ: ВМРО измислува

ВМРО: Бугарија наметнува нови услови, СДСМ: ВМРО измислува

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува Софија да наметне нови услови за земјава на нејзиниот евро-интегративен пат. Ова следува откако новиот технички министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков вчера најави изработка на нов пишан документ, кој би содржел конкретни задачи за бугарските институции, според кои тие би се воделе во билатералните односи со Скопје. За ВМРО-ДПМНЕ ваквиот документ претставува нова уцена, бидејќи, како што велат, во него ќе бидат содржани нови обврски за Македонија. Од друга страна, од СДСМ обвинија дека опозицијата измислува конструкции.

„Сега после еден месец од историскиот успех којшто го најави Ковачевски се случува нов дебакл и нов пишан документ со задачи. Овој документ ќе биде основата на која Бугарија ќе го оценува напредокот по нивен терк и според кој ќе одобрува или не – продолжување на преговорите. Каде се сега Османи, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски да кажат што содржи овој пишан документ кој го најавува бугарската дипломатија?“, изјави Миле Лефков – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„И покрај тоа што сите нивни лаги се демантирани, од Белиот дворец продолжуваат да шират невистини и да измислуваат конструкции. И денеска ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста. Многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница“, рече Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.

Реагираше и МНР. Тие негираат подготовка на нови обврски и ја отфрлаат можноста за каков било нов документ меѓу Скопје и Софија. Оттаму велат дека приоритетите, но и акциските планови на новата бугарска Влада се нивна внатрешна работа.

„Сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, велат од МНР.

Од МНР додаваат дека кај новата бугарска Влада охрабрува што значаен фокус се поставува на билатералните односи со Скопје. Сепак, наследникот на Теодора Генчовска, Николај Милков, говорејќи за барањата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, рече дека постои реална можност процесите во Македонија да тргнат да се движат во обратна насока. Милков е дипломат од кариера, а последно ја извршуваше амбасадорската функција на Бугарија во Париз.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button