ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струшките села Поум и Џепин без ниту едно прваче

Струшките села Поум и Џепин без ниту едно прваче

Основните училишта во струшките села Поум и Џепин новата учебна година ја почнаа без ниту едно прваче. Бројот на првачиња оваа година во Струга и струшко е дури за 77 помал во однос на ланската година. Раководителот на училиштето во селото Корошишта, Зини Јусуфи, вели дека состојбата е повеќе од катастрофална и очекува дека ситуацијата ќе биде уште полоша наредните години.
„Овој тренд ќе продолжи и понатаму. Наредната година ќе биде уште полошо, ќе биде уште подрастична ситуацијата, односно ќе биде сè помал и помал бројот на ученици. Тоа ќе значи дека голем број наставници ќе останат на улица. Кога ќе нема ученици, наставниците ќе нема кому да му предаваат“, изјави Зини Јусуфи-наставник.
Во училиштето во селото Корошишта, бројот на првачиња е седум, а лани биле 12. Во централното училиште во Делогожда има само 8 првачиња, а лани нивниот број бил 19, додека во селото Ливада од ланските 18, годинава има само две првачиња.
Од Алијанса на Албанците во Струга денеска обвинија дека образованието во Струга, како и многу други работи биле заложници на погрешните и незаконски постапки на градоначалникот Рамиз Мерко. Тој изминативе години незаконски назначуваше и разрешуваше директори низ многу училишта. Тоа го потврдија и Државниот просветен инспекторат и Антикорупциската комисија. Но, засега ниту една институција не презеде мерки против него.
„Но, погрешното не завршува тука само во именување и разрешување на директори преку социјалните мрежи на Фејсбук. За жал образованието во Струга е претворено во канцеларија за вработување и лекување на комплексите на „Бермудскиот триаголник“ – Општина – Универзитет – Министер. Тие без почитување на ниту еден професионален или законски критериум ги вработуваат во струшките училишта дипломираните на нивниот познат Универзитет, кој е веќе познат по производството на дипломи без знаење“, нагласи Љуљзим Насуфи-претседател на АА Струга.
Од Алијанса бараат итно стопирање на процесот на политизација на училиштата кои и онака се соочуваат со многу проблеми како сè помалиот број ученици. Бараат министерот за образование, Јетон Шаќири, да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Струга во областа на основното образование. Алсат побара став од локалната власт за да прашаме за состојбите во образованието, но одговор не добивме.
Мики Трајковски
Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button