ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Од Тирана не кажуваат зошто Еди Рама организира средба со албанските лидери

Од Тирана не кажуваат зошто Еди Рама организира средба со албанските лидери

Останува мистерија темата и причината за средбата што албанскиот премиер Еди Рама ја организира утре со лидерите на албанските политички партии во земјава. Од кабинетот на Рама не ја објавуваат агендата, а не ја кажуваат ниту причината зошто е свикан овој состанок и зошто токму во овој момент.

ВМРО-ДПМНЕ не ги крие сомнежите за лидерската средба. Од партијата на Мицкоски нагласуваат дека профит од оваа средба ќе има Али Ахмети, кој како што велат од ВМРО – или ќе го информира Рама за зелената агенда или ќе имаме втора „тиранска платформа“.

„Интересно е како само СДС нема против оваа средба каде за македонските прашања се координираат во Тирана. Очигледно Али ќе ја учи и Тирана за Зелената агенда или Тирана ќе спрема втора тиранска платформа која после Али ќе му ја даде на Ковачевски? Единствениот договор кој треба да го има е обединување против криминалот и договор за избори за народот да одлучи“, реагират од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ не ја гледа средбата како проблем, туку ја гледа во насока на изградба на европски регион.

„Еди Рама е докажан пријател на Македонија и македонскиот народ, Албанија е наша пријателска земја со која заедно чекориме по европскиот пат и си помагаме, заедно сме во НАТО алијансата, немаме отворени прашања и економската соработка е на највисоко ниво преку иницијативата Отворен Балкан. Секоја средба, формална или неформална, која е во интерес на двете земји и двата народа е за нас во насока на градење на европски регион“, велат од СДСМ.

Но, оваа иницијатива на Рама наиде и на поинакви коментари. Пратеникот Скендер Реџепи се сеќава на средбата пред шест години, за која вели дека Рама ја направил во својство на „портпарол на ДУИ“, за партиски интереси на партијата на Ахмети.

„И производот на таа средба, „албанската платформа“ беше и остана само фарса, бидејќи во ниту еден нареден изборен циклус истата не беше на заедничка маса на албанските политички партии, а не е ниту денеска пред процесот на уставните измени. Затоа, многу е јасно дека Еди Рама нема легитимитет да ги собира албанските партии за прашања што ги засегаат Албанците овде во Македонија. Тоа е затоа што и зад утрешната средба ќе има уште еден трик за кој ‘ќе слушнеме утре“, рече Скендер Реџепи, независен пратеник.

Средба во ваков формат за првпат се одржа во декември 2016 година, а еден месец подоцна беше потпишана заедничка декларација на албанските партии, која сè уште не е целосно спроведена./Алсат.мк

Фатлуме Дервиши

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button